Пет лица, меѓу кои три деца, беа пронајдени мртви во неделата во канадската провинција Манитоба во три инциденти за кои канадската кралска коњичка полиција вели дека се поврзани.
Полицијата приведе 29-годишен маж, но сè уште не е покренато обвинение, изјави инспекторот Тим Арсено на конференција во градот Винипег.
„Како татко не можам да замислам колку е голема загубата за тие семејства. Заедницата Карман и околните области, исто така, ќе тагуваат затоа што изгубија некои од своите најмлади жители на трагичен начин“, рече Арсено, пренесе канадскиот CBC.
Според полицијата смртните случаи се случиле на три различни локации – на автопатот 3 меѓу Карман и Винкер, автопатот 248 северно од провинцискиот пат и во домот во градот Карман, кој се наоѓа 75 километри југозападно од Винипег. Полицијата соопшти дека во Карман пронашла тело на жена по извештаите за сообраќајна несреќа на автопатот 3.
Телото било пронајдено во ендек, недалеку од автопатот. Кратко време подоцна, Хедингли Тауншип добил повик за запалено возило на автопатот 248.
Случајни минувачи ги извлекле трите деца од автомобилот пред да пристигне полицијата, но сите три деца биле прогласени за мртви на местото на настанот. Полицајците уапсиле маж на таа локација.