Немилосрдниот топлотен бран во Индија усмрти најмалку 33 работници на избирачките места во државата Утар Прадеш, соопштија локалните власти, додавајќи дека нивните семејства ќе добијат отштета од 18.000 долари. Изборите во Индија започнаа на 19 април, а последната фаза од изборите се одржа на 1 јуни, пишува Си-ен-ен.
Според упатствата на Изборната комисија на Индија, избирачките места треба да бидат на растојание од два километри од секој гласач, а претставниците на изборите честопати мораат да патуваат со денови или да се искачуваат по ридови за да стигнат до локации во оддалечените области. Изборната работа е задолжителна за вработените во јавниот сектор во Индија. Должностите ги доделува изборната комисија пред почетокот на гласањето.
Во северозападна и централна Индија беа забележани максимални температури кои надминуваат 42 степени, додека пред неколку дена во Њу Делхи беа измерени дури 52,3 степени Целзиусови, а властите мораа да воведат ограничувања за потрошувачката на вода.
„Во следните три дена очекуваме продолжување на топлотните бранови со намален интензитет во подрачјето на северозападна, централна и источна Индија“, соопшти вчера Индискиот метеоролошки институт.
Меѓународниот панел за климатски промени наведува дека Индија е меѓу земјите кои ќе бидат најмногу погодени од климатските промени.