Невреме проследено со дожд и снег го покри поголемиот дел од САД, а најмалку три лица во Алабама, Северна Каролина и Џорџија загинаа од торнада на југот на земјата.
Обилните дождови и ветрови денеска погодија поголем дел од источниот брег на Америка и ќе продолжат до среда, соопшти Националната метеоролошка служба (NWS).
Врнежи се очекуваат на североисток, а во тој дел на Америка изминатиот викенд некои области беа погодени од обилен снег, што го зголемува ризикот од поплави, пренесува Ројтерс.
Снегот ќе продолжи и денеска во регионот на средниот запад, северозападниот дел на Пацификот и Големите езера, кои беа погодени од снежни виулици во понеделникот и вторникот, додека количината на снег што се очекува може да остави делови од овие региони без струја.