Њујоршката полиција пронашла скриена врата и складиште со дрога на подот од приватна градинка во Бронкс, каде едногодишно момче почина минатата недела од сомнително предозирање со фентанил.
При претресот во средата, полициските службеници пронашле меѓу 8 и 10 килограми дрога. Се наоѓала на подот од просторијата која била наменета за играње на децата. Во скривалиштето биле пронајдени фентанил и други наркотици.
„Најдени се повеќе докази кои водат до заклучок дека ова е повеќе од само градинка“, изјави вчера окружниот обвинител во Бронкс, Дарсел Кларк.
Истражителите веруваат дека осомничените биле вмешани во трговија со дрога и дека нивната задача била да го мешаат фентанилот со други наркотици или предмети за домаќинството, како што е пудрата за бебиња, пишува Си-Ен-Ен.
Минатата недела полицијата пронајде килограм фентанил под тепих во градинка во Њујорк, каде едно дете почина, а три се пренесени во болница. Николас Доминичи бил во градинка во Бронкс само една недела, а починал минатиот петок поради сомнително предозирање со дрога.
Сопственичката на дневниот престој „Дивино Нино“ во Бронкс, Греј Мендез (36) и нејзиниот закупец Карлисто Ацеведо Брито (41) беа обвинети за поседување наркотици со намера да дистрибуираат што резултираше со смрт. Властите ги приведоа осомничените без можност за кауција. Доколку бидат осудени им се заканува доживотен затвор.
Надзорните снимки и телефонските записи покажуваат дека Мендез му се јавила на нејзиниот сопруг откако видела дека децата не се добро и дури потоа се јавила на 911. Нејзиниот сопруг дошол во градинката и извадил неколку полни торби за пазарење од градинката, рекоа официјалните лица.