Откако Хамас објави видео од киднапираната Миа Шем, 21-годишна Израелка која исто така има француско државјанство, нејзиното семејство одржа прес-конференција. Керен Шарф Шем, држејќи ја фотографијата од нејзината ќерка, рече дека го видела своето дете на видеото и веќе слушнала гласини дека била застрелана во рамото или ногата.
На видеото кое го објави Хамас се гледа како девојка со преврзана рана на раката зборува директно пред камерата.
„Имам 21 година и сум од Шохам“, рече таа во едноминутниот клип.
Таа моментално се наоѓа во Газа и се лекува во тамошната болница.
„Ве молам, извадете ме одовде што е можно поскоро“, додаде таа.
„Изгледа преплашено, како да има многу болки. Го молам светот да го донесе моето дете дома. Таа отиде на фестивал да се забавува, а сега е во Газа. Ова е злосторство против човештвото. Треба сите да се здружиме, да се спречи овој терор и се вратат сите дома. На ќерка ми и треба лекарска помош“, рече нејзината мајка.
„Таа е борец, таа е воин. Таа помина низ се во нејзиниот живот. Знаев дека се бори и нема да се откаже. Таа има најголемо срце, таа е мојот најдобар пријател. Сакам да и кажам на ќерка ми дека ја сакам многу и многу ми недостига. Секој ден замислувам како ја гушкам кога ќе дојде дома“, изјави Керен Шарф Шем.
На конференцијата учествуваше и братот на Миа кој рече дека сака да каже „едно и само едно – Миа, Миа и сите други заложници да се вратат дома“.
„Миа е невино дете кое само сакаше да оди на забава со другарките. Но, таа беше киднапирана и е далеку од дома. Ние ја сакаме назад”, додаде братот.