Почнаа обредите за погребот на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и уште седуммина загинати во хеликоптерската несреќа, јавува Би-би-си. Првата церемонија е во Табриз во северозападниот дел на земјата, регионот во кој се случи несреќата во неделата.
Илјадници луѓе излегоа на улиците на Табриз да го оплакуваат претседателот Раиси.
Телото на Раиси се очекува да биде погребано во неговиот роден град Машхад во четврток.
Неделата на жалост ќе биде тест за иранските конзервативни лидери кои сакаат да испратат јасен и убедлив сигнал за континуитет, оценува Би-Би-Си.
Британската мрежа наведува дека не сите во Иран жалат за смртта на претседателот и дека многумина „ја прославија неговата смрт на социјалните мрежи“.
Иранците се собираат во градовите низ земјата за да му оддадат последна почит на Раиси, откако тој загина заедно со министерот за надворешни работи на земјата кога хеликоптерот што го носеше се урна во планински регион во северозападниот дел на Иран.
Во понеделникот, врховниот лидер на Техеран, ајатолахот Али Хамнеи, објави петдневна жалост. Откажани се и студентските испити.
Во тек се подготовките за организирање на претседателските избори кои ќе се одржат на 28 јуни.