Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров ја откажа планираната посета на Франција поради безбедносни причини, соопшти француското Министерство за вооружени сили. Посетата требаше да се случи денеска.
Наместо тоа, Умеров и неговиот француски колега Себастиен Лекорну ќе одржат видеоконференција. Се очекуваат дискусии за покренување на „артилериска коалиција“ со цел зајакнување на Киев во војната против Русија.
Оваа коалиција, предводена од Франција и САД, е една од компонентите на Контакт групата за одбрана на Украина (UDCG, позната и како Рамштајн група), која обединува повеќе од 50 земји на страната на Киев во војната против Русија.
Целта на артилериската коалиција составена од 23 земји „ќе биде да ги координира напорите за да и помогне на Украина да воспостави артилериски сили погодни за потребите на контраофанзивата и нејзината идна армија, на краток и долг рок“, најави претходно француското Министерство за Вооружените сили.