Турист од Казахстан бил приведен во археолошкиот парк во Помпеја кога со остар предмет се обидел да го издлаби своето име на ѕидот на една од древните куќи.
Туристот бил приведен од обезбедувањето, а потоа предаден на карабинерите, пренесе агенцијата „АНСА“.
Тим конзерватори на спомениците веднаш почнаа да го проценуваат степенот на оштетување на добро сочуваниот ѕид од куќата на семејството Цеи, украсен со слики.
Директорот на паркот во Помпеја изјави дека благодарение на новиот закон донесен на иницијатива на Министерството за култура, сторителот на штетата ќе мора да плати за реставрацијата на ѕидот.
Министерот за култура Џенаро Сандуљано рече дека ова е уште еден „варварски и идиотски гест на вандализам“ против италијанското културно наследство.
„Ова е многу сериозен чин кој ќе биде најстрого казнет“, нагласи министерот и се заблагодари на полицијата за брзата интервенција.