Полицијата во Мароко уапси 30 лица осомничени за трговија со бебиња и уцена за профит во Фез, град на северот на земјата.
Меѓу осомничените кои беа уапсени се 18 агенти за обезбедување, лекар, две медицински сестри, здравствени работници, како и посредници, изјави извор од безбедносните сили за мароканската новинска агенција „МАП“.
Тој извор не го прецизираше бројот на бебиња кои биле жртви на трговија со луѓе, но наведува дека некои од уапсените се осомничени дека посредувале во продажба на новороденчиња и работеле во корист на семејствата кои сакаат да посвојат напуштени деца во замена за пари, пренесува „Фигаро“.
Според овие изјави, други уапсени лица наводно биле вмешани во уценување на пациенти и нивните семејства со цел да закажат консултации или прегледи со лекари во замена за пари, во посредување при нелегални абортуси и во издавање лекарски уверенија со лажни информации.