„ Тоа е мојот син, го познав по кошулата“: Ископани масовни гробници во Газа

gaza2-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Властите во Газа го завршија претресот на масовните гробници во болница во јужниот дел на Појасот и соопштија дека откопале 392 тела. Претставник на палестинската цивилна одбрана во Газа вчера изјави дека 165 тела биле идентификувани и закопани во комплексот на болницата Насер во Кан Јунис по повлекувањето на израелските сили.


„Идентитетот на преостанатите 227 тела допрва треба да се утврди. Пронајдовме три масовни гробници, првата пред мртовечницата, втората зад мртовечницата и третата северно од зградата за дијализа“, рече Мохамед Ал Мигаџер. Израелските одбранбени сили (ИДФ) негираат дека нивните војници ставале тела во масовни гробници и тврдат дека гробниците во комплексот биле ископани од Палестинци во Газа пред неколку месеци.

Цивилната одбрана на Газа признава дека околу 100 луѓе биле закопани во болничката област. Новинар на Си-Ен-Ен, кој во неделата ја посети областа, наведува дека во јануари, како дел од привремена мерка, мештаните ги закопале телата на убиените членови на семејството во болницата бидејќи немало безбеден пристап до гробиштата.

Кога се вратиле по израелското повлекување, откриле дека телата биле ексхумирани, веројатно за да може ИДФ да користи ДНК анализа за да утврди дали меѓу нив има заложници.

Ал Мигаџер наведува дека цивилната одбрана пронашла тела на деца во масовни гробници, што докажува дека се работи за геноцид. Палестинските власти веруваат дека најмалку 20 цивили биле живи закопани, но не соопштуваат детали. Ал Мигаџер тврди дека некои болнички пациенти биле и егзекутирани и дека на нивните тела биле пронајдени прострелни рани во главата.

Си-Ен-Ен пренесува изјава на татко кој го идентификувал распаднатото тело на неговиот 15-годишен син. Човекот погледнал во безживотното тело на детето и рекол: „Тоа е мојот син, јас го знам тоа по неговата кошула“. “О Боже, тој е мртов. Тој е мртов”, рече тој, бришејќи ги солзите.

„Циркулираат дезинформации во врска со масовната гробница во болницата Насер. Гробовите беа ископани во Газа пред неколку месеци. Тоа го потврдуваат видеата што тогашните жители на Газа ги објавуваа на социјалните мрежи“, напиша Надав Шошани.

„Секој обид да се обвини Израел за закопување цивили во масовни гробници е лага. Тоа е пример за кампања за дезинформации чија цел е делегитимирање на Израел“, додаде тој. ИДФ соопшти дека отстранила десетици тела од Газа за ДНК тестови во Израел, а потоа ги ставила посмртните останки во контејнери.

„Чувствуваме потреба да алармираме бидејќи се откриени повеќе тела“, рече Равина Шамдасани, портпаролка на Високиот комесаријат за човекови права на ОН. Таа ги опиша телата кои биле „закопани длабоко во земјата и покриени со ѓубре“, додавајќи дека „меѓу загинатите наводно има постари лица, жени и повредени“, вклучително и некои кои биле врзани и без облека.

Лекарите кои работат за Лекари без граници велат дека израелските сили ја нападнале болницата Насер кон крајот на јануари, пред да се повлечат еден месец подоцна, оставајќи ја установата неспособна да функционира.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK