Германски турист бил толку лут од добро познатиот проблем со „резервирање“ лежалки на плажа што решил да го тужи туристичкиот оператор. За време на семеен одмор на грчкиот остров Кос, за кој платил 7.186 евра во август 2024 година, бил огорчен бидејќи лежалките на плажата биле зафатени секое утро пред појадок, објавува Times.
Иако едно од правилата на хотелот експлицитно забранувало оставање пешкири на лежалките преку ноќ, се чини дека гостите не се придржувале до тоа правило. Незадоволниот турист во својата жалба навел дека одел на плажата уште во 6 часот наутро, но сите лежалки веќе биле зафатени.
Тој се пожалил до Окружниот суд во Хановер дека неговото семејство трошело околу 20 минути секој ден барајќи слободно место, а децата честопати морале да лежат на пешкири на земја. Тој исто така истакнал дека персоналот на хотелот ги игнорирал нивните жалби.
Судот во Хановер ги прифатил неговите аргументи и пресудил дека туристот има право на делумно враќање на средствата од 986,70 евра. Во образложението се наведува дека пакет аранжманот бил неисправен бидејќи не ја обезбедувал услугата што гостинот со право можел да ја очекува.
Судиите објаснија дека туристичката агенција, иако не управувала директно со хотелот, ниту била обврзана да обезбеди лежалка за сончање за секој гостин во секое време, сепак сноси одредена одговорност. Нејзина обврска била да обезбеди организација што овозможува разумен сооднос на бројот на лежалки за сончање и бројот на гости.