Ричард Рибеиро (44), чија 20-годишна ќерка Морган почина во Белград по неуспешна операција за стеснување на стомакот во Турција, предупреди на ризиците од патување во странство поради такви интервенции. Таткото на Морган за британски Мирор изјавил дека неговата ќерка го истражувала најсигурното место за операција на стомакот. Тој рече дека Морган, која долго време се борела со својата тежина, користела пари од фондот што и го дале родителите кога наполнила 18 години за операција од 2.500 фунти во Истанбул.
„Сакаме да се погрижиме вакво нешто никогаш да не се повтори. Не сакам ниту едно друго семејство никогаш да страда вака“, рекол Ричард, според Мирор.
Морган ги плати парите на компанија во Швајцарија која дејствуваше како посредник меѓу неа и клиниката, изјави претходно нејзината мајка Ерин Гибсон (44). Откако добила зелено светло да се врати дома, три дена по операцијата, поточно на 5 јануари, тешко се разболела на летот назад за Гетвик. Авионот итно запрел во Белград, каде што починала на 13 јануари.
Лекарите морале да ја оперираат Морган откако откриле дека тенкото црево и било исечено при процедурата, што довело до инфекција. Семејството вели дека хирурзите и извадиле 10 сантиметри од тенкото црево и се надевале дека тоа ќе функционира. Ерин рече дека српските лекари и кажале дека ова е трет пат авион со пациент на естетска хирургија во Турција да мора итно да слета во Белград поради медицински компликации.