Првите патници од крузерот „MV Hondius“, погоден од епидемија на хантавирус, денеска беа евакуирани од Тенерифе со специјални чартер-летови кон нивните матични земји, каде ги очекуваат строги карантински мерки.
Шпанија
Првите 14 шпански државјани беа евакуирани со владин авион во Мадрид, каде ќе бидат сместени во воената болница „Гомез Уља“.
Шпанските власти најавија задолжителен карантин и повеќекратни PCR тестирања. Патниците ќе бидат сместени во посебни соби без посети.
Франција
Пет француски патници беа префрлени со специјален медицински лет во близина на Париз.
Францускиот премиер Себастијан Лекорни соопшти дека еден патник развил симптоми на хантавирус за време на летот, по што сите петмина биле ставени во строга изолација.
Тие ќе поминат 72 часа под болнички надзор, а потоа следува домашна изолација од 45 дена под контрола на здравствените власти.
Велика Британија
Британските патници ќе бидат префрлени во болницата „Ароу Парк“ во Вирал, каде ќе поминат до 72 часа во изолација.
Потоа лекарите ќе проценат дали можат да продолжат домашен карантин. Британските власти препорачаа изолација до 42 дена од последната можна изложеност на вирусот.
САД
17 американски патници ќе бидат префрлени во Националниот карантински центар при Медицинскиот универзитет во Небраска.
Американските власти соопштија дека никој од нив засега нема симптоми, но ќе бидат под секојдневен медицински надзор во наредните 42 дена.
СЗО: Ризикот за населението е низок
Светска здравствена организација препорача 42-дневен карантин за сите патници од крузерот од моментот на нивната последна можна изложеност на вирусот. Од СЗО соопштија дека ризикот за пошироката јавност останува низок. Генералниот директор Тедрос Аданом Гебрејесус, кој лично ја следи операцијата во Тенерифе, изјави дека ситуацијата е под контрола и дека вирусот тешко се пренесува меѓу луѓе.
Епидемијата поврзана со депонија во Аргентина
Во епидемијата на бродот досега починаа три лица.