Заменик-министерот за надворешни работи на Иран се закани поради можноста Велика Британија и Франција да распоредат воени бродови во Ормутскиот теснец.
Во објава на социјалните мрежи тој порача дека секое распоредување разурнувачи во регионот под изговор за „заштита на поморскиот сообраќај“ претставува ескалација на кризата.
Иранскиот функционер предупреди дека присуството на британски и француски воени бродови во Ормутскиот теснец, кои би можеле да учествуваат во, како што наведе, „нелегални акции на САД“, ќе наиде на „итен и одлучен одговор“.
Британското Министерство за одбрана вчера соопшти дека го испраќа разурнувачот „HMS Dragon“ на Блискиот Исток како подготовка за можна мултинационална мисија за заштита на трговскиот поморски сообраќај во Ормутскиот теснец.
Велика Британија и Франција во последните денови учествуваат во разговори за повторно воспоставување безбеден премин за трговските бродови низ овој клучен поморски коридор.
Според информациите, во потенцијалната мисија интерес за учество изразиле околу десет држави, а планот би барал и координација со Иран.