Здравствениот систем во Појасот Газа е „на колена“, предупреди првиот човек на Светската здравствена организација (СЗО) во Советот за безбедност на ОН, посочувајќи дека половина од 36-те болници во енклавата „воопшто не работат“.
„Ситуацијата на теренот е невозможно да се опише: болнички коридори полни со ранети, болни и луѓе кои умираат, полни мртовечници, операции без анестезија, десетици илјади луѓе кои се засолнуваат во болниците“, рече Тедрос Аданом Гебрејесус, додавајќи дека евидентирани се повеќе од 250 напади врз здравствениот сектор (болници, клиники, амбулантни возила) во Газа и на Западниот Брег од почетокот на војната што беше предизвикана од крвавиот напад на Хамас на 7 октомври. Имаше 25 напади врз здравствениот сектор во Израел.
„Најдобар начин да им се помогне на здравствените работници и на луѓето за кои се грижат е да им се даде се што им е потребно за нега: лекови, медицинска опрема и гориво за болнички генератори“, рече тој, повикувајќи на поголема хуманитарна помош што доаѓа преку граничниот премин Рафах и повторувајќи ги повиците на лидерите на ОН за „примирје“.
„Разбирам низ што поминуваат децата во Газа бидејќи тоа и јас го доживеав како дете“, рече шефот на СЗО, кој е роден во Етиопија. Со оглед на тоа што Советот за безбедност, крајно поделен по ова прашање, не можеше да дејствува обединето од почетокот на војната, првиот човек на СЗО повика на реформа на тоа тело на ОН.
„Подолго време мислам дека Советот за безбедност повеќе не ја исполнува задачата за која е создаден“, а тоа е зачувување на „мирот и безбедноста“ во светот, посочи тој.
На почетокот на седницата Советот за безбедност им оддаде почит на жртвите од нападите на Хамас врз Израел (1.200 мртви според ревидираните податоци на израелските власти), цивилите загинати во бомбардирањето на Газа (повеќе од 11.000 загинати според податоците на Министерството за здравство на Хамас) и новинарите и вработените во ОН кои ги загубија животите од почетокот на војната.