Снежни врнежи од синоќа ја зафатија Србија и Сараево, додека во Македонија маглата ја отежнува видливоста на патниот правец Куманово – Страцин, каде што таа е намалена на само 100 метри.
Најмногу снег во Србија наврна во западниот дел на земјата, на Златибор, каде што снежната покривка надминува 10 сантиметри. Снег паѓа и во централните делови, во Шумадија и во повисоките предели околу Белград. Во долината на Велика Морава, покрај Дунав, како и во источните и североисточните делови на земјата, врне силен дожд.
Снежни врнежи има и во Сараево, каде што снегулките ги побелеа ридските населби и околните возвишенија.
Во Македонија, според информациите на АМСМ, видливоста на делницата Куманово – Страцин е намалена на 100 метри поради магла. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, но коловозите се влажни, а на граничните премини нема подолги задржувања.
Времени измени на сообраќајот се во сила на повеќе патни правци поради градежни работи, меѓу кои на делниците Градско – Дреново, Велес – Неготино, Штип – Радовиш, Гевгелија – Богородица, Кичево – Охрид и Гостивар – Кичево.
Од АМСМ потсетуваат дека зимската опрема е задолжителна од 15 ноември до 15 март, независно од временските услови. Патниот правец Охрид – Ресен, преку Националниот парк Галичица, останува затворен за сите видови возила од 17 ноември.