Плоштадот „Скендербег“ во Скопје е украсен со албански знамиња во пресрет на одбележувањето на 28 Ноември – Денот на албанското знаме. Знамињата се поставени и долж надвозникот во централното градско подрачје, со што веќе се навестува празничната атмосфера пред одбележувањето на празникот.
Во пресрет на празникот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека Министерството за внатрешни работи ќе биде максимално фокусирано на одржување на безбедноста и јавниот ред, како и на заштитата на граѓаните и безбедноста во сообраќајот.
Тошковски им го честиташе Денот на албанското знаме на граѓаните од албанската заедница, но истовремено упати апел прославата да помине мирно и без нарушување на сообраќајот.
„Нема да дозволиме нарушување на сообраќајот и нарушување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Би ги замолил сите оние што ќе сакаат да си го прослават денот, да го направат тоа во согласност со сите пропишани протоколи, во рамките на една нормална, семејна, убава атмосфера со своите најблиски, па и со оние што сметаат дека треба да го прослават“, истакна Тошковски.
Денот на албанското знаме се одбележува на 28 ноември, во чест на истиот датум во 1912 година, кога Исмаил Ќемали го истакнал црвено-црното знаме во Валона и ја прогласил независноста на Албанија од Отоманската Империја.
Празникот го одбележуваат Албанците во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и дијаспората.