Тулси Габард поднесе оставка од функцијата директорка на Националната разузнавачка служба во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Fox News Digital.
Нејзината оставка стапува во сила на 30 јуни, а како причина ги наведе семејните околности и тешката болест на нејзиниот сопруг Абрахам Вилијамс, на кого неодамна му бил дијагностициран редок вид рак на коските.
„Во овој момент морам да се повлечам од јавната служба за да бидам покрај него и да му дадам целосна поддршка“, напиша Габард во писмото до Трамп.
Според Reuters, повикувајќи се на неименуван извор, Белата куќа ја принудила Габард да поднесе оставка, иако администрацијата претходно ги демантираше информациите дека Трамп сака да ја смени.
Габард е поранешна демократска конгресменка од Хаваи, ветеран од војната во Ирак и прва хиндуистка во американскиот Конгрес. Таа ја напушти Демократската партија во 2022 година, подоцна му даде поддршка на Трамп и се приклучи на Републиканската партија.