Кремљ го опиша како крајно невообичаено тоа што САД размислуваат за санкции против Меѓународниот кривичен суд (МКС), чиј обвинител побара налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, неговиот министер за одбрана и тројца лидери на Хамас за наводни воени злосторства.
Обвинителот на МКС, Карим Кан, во изјавата објавена по повеќе од седум месеци војна во Газа рече дека има разумна основа да верува дека петмината мажи „носат кривична одговорност“ за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото.
Американскиот претседател, Џо Бајден го нарече правниот потег „срамен“, додека државниот секретар Антони Блинкен предупреди дека тоа може да ги загрози преговорите за договор за заложници и прекин на огнот. Некои американски претставници ги повикаа САД да воведат санкции против судот. Во 2020 година, Соединетите Држави воведоа санкции против обвинителот на МКС.
„Ситуацијата во која САД имаат став и подготвеност да го користат методот на санкции дури и против Меѓународниот кривичен суд е повеќе од невообичаена“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Во март минатата година, МКС издаде налози за апсење на претседателот Владимир Путин под обвинение за воени злосторства. Руските власти оценуваат дека налогот за апсење на Путин е бесмислен обид на Западот да го наруши угледот на Русија и да го негира извршувањето на воените злосторства во Украина.
Украина ја обвинува Русија за воени злосторства. Русија вели дека Западот ги игнорира злосторствата извршени од Украина, што Киев го негира. Минатата година Бајден ја оцени како оправдана одлуката на МКС да издаде налог за апсење на Путин.