Соединетите Држави сакаат Советот за безбедност на Обединетите нации да гласа за кратка нацрт-резолуција по повод третата годишнина од руската инвазија на Украина в понеделник, пред Генералното собрание од 193 члена да гласа за истиот текст, велат дипломатите.
На потегот на САД во ОН се противат Украина и Европската унија, кои изминатиот месец преговараа со земјите-членки на ОН за нивниот нацрт-текст за војната, за кој Генералното собрание треба да гласа во понеделник.
Ројтерс во четвртокот објави дека САД одбиле да го ко-спонзорираат нацртот подготвен од Украина и ЕУ.
Во петокот, Вашингтон предложи своја резолуција за гласање во Генералното собрание, исто така в понеделник. Доцна истиот ден, САД ја доставија нацрт-резолуцијата до Советот за безбедност.
Гласањето во Советот за безбедност за американскиот нацрт сè уште не е закажано, велат дипломатите.
За да биде усвоена, резолуцијата на Советот за безбедност има потреба од најмалку девет гласа „за“ и не смее да биде ставено вето од САД, Русија, Кина, Велика Британија или Франција.
Во краткиот нацрт на американската резолуција, кој содржи три параграфи и го видел Ројтерс, се изразува жалење за загубените животи во „руско-украинскиот конфликт“ и се повторува дека „примарната цел на Обединетите нации е одржување на меѓународниот мир и безбедност и решавање на споровите со мирни средства“.
Нацртот, исто така, „апелира за брз крај на конфликтот и дополнително повикува на долготраен мир меѓу Украина и Русија“.
Русија предложи измена на таа реченица, додавајќи дека конфликтот треба да се прекине „вклучувајќи и решавање на основните причини“.
Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија го опиша американскиот нацрт како „добар потег“.
Текстот предложен од Украина и Европската унија повикува на деескалација, што побрз прекин на конфликтот и негово мирно решавање во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право.