Русија и Кина мора тесно да соработуваат во заштитата на безбедноста и решително да се спротивстават на надворешното мешање во внатрешните работи, изјави кинескиот претседател Шји Џјинпинг во телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
„Двете страни треба да спроведат блиска стратешка соработка за да го заштитат својот национален суверенитет, безбедност и развојни интереси и решително да се спротивстават на мешањето на надворешните сили во внатрешните работи“, рече Џјинпинг, пренесува „Риа Новости“, повикувајќи се на кинеската централна телевизија.
Путин и Шји имаа „длабока размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања“, како што објави кинеската телевизија, и се согласија дека оваа година ќе продолжат да одржуваат блиски контакти и да разменуваат мислења за кинеско-руските односи и стратешките прашања од заеднички интерес пренесува Тас.
Покрај тоа, Џјинпинг посочи дека Москва и Пекинг треба заеднички да ја одржуваат стабилноста на синџирите на производство и продажба.
„Кина и Русија мора да дадат нов поттик на билатералната соработка, како и да ја поддржат стабилноста на производствените и продажните синџири со консолидирани напори“, рече Шји, како што пренесе кинеската централна телевизија.
Според кинескиот лидер, односите меѓу Русија и Кина во иднина ги очекуваат нови можности, посочувајќи дека оваа година се навршуваат 75 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.
„Гледајќи наназад на патот што го поминавме, гледаме дека заедно поминавме низ многу искушенија и неволји“, рече Џјинпинг, пренесува Танјуг.
Кинескиот претседател елефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин во пресрет на празникот Лунарна Нова Година, објави кинеската државна телевизија „CTV“.
Кинеската Нова година започнува оваа година на 10 февруари, а празничните веселби ќе траат уште две недели.
На тој ден се влегува во годината на дрвениот змеј, која ќе трае до 28 јануари 2025 година, пренесува РИА Новости.