Милитантните Палестинци во Појасот Газа истрелаа неколку ракети врз Израел, по израелските напади против милитантната организација Исламски џихад во крајбрежниот појас, пренесе ДПА.
Предупредувачките сирени утрово се огласија во пограничната област. Според болнички извори, првично нема извештаи за жртви.
Локални извори во Газа информирале дека ракетите биле истрелани како одговор на израелските напади врз крајбрежната област. Израелската војска првично само го потврди предупредувањето за ракети.
Палестински безбедносни извори претходно соопштија дека израелската војска повторно извршила напад врз цели на милитантната палестинска организација Исламски џихад во Појасот Газа.
Според израелската војска, нападите биле насочени против екстремисти на локација за лансирање ракети. Според болнички извештаи, најмалку еден Палестинец загинал, а двајца се повредени.
Во израелските напади рано во вторникот загинаа и тројца високи членови на Исламски џихад во крајбрежната област. Вкупно 13 лица загинаа во нападите во текот на ноќта врз цели во Газа за кои израелската армија рече дека се поврзани со Исламскиот џихад.