Ерменија повеќе не може да се потпира на Русија како главен одбранбен и воен партнер, бидејќи Москва во неколку наврати не успеа, па Ереван мора да размислува за воспоставување поблиски врски со САД и Франција, изјави премиерот Никол Пашинјан.
Ерменија, поранешна советска република која се граничи со Грузија, Азербејџан, Иран и Турција, долго време се потпира на Русија како моќен сојузник. Во таа земја има и руска воена база.
„Мораме да разбереме со кого навистина можеме да одржуваме воено-технички и одбранбени односи“, изјави Пашинјан за ерменското радио на прашањето за реформите на вооружените сили на Ерменија.
Тој додаде дека порано овој проблем бил едноставен бидејќи ова прашање не било поставено.
„Претходно 95-97 отсто од нашите одбранбени односи беа со Руската Федерација. Сега тоа не може да биде и од објективни и од субјективни причини“, рече ерменскиот премиер.
Пашинјан рече дека Ерменија треба да размисли какви безбедносни врски треба да гради со САД, Франција, Индија и Грузија.
Тој праша дали Ерменија треба да остане членка на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) предводена од Русија и рече дека на Ерменија и треба нова стратегија за национална безбедност и дека ќе ја зајакне својата војска.
Минатиот месец Пашинјан разговараше за соработка со Хавиер Коломина, специјалниот претставник на генералниот секретар на НАТО за Кавказ и Централна Азија.
Рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец изјави дека не е во интерес на Ерменија да ја напушти ОДКБ, пренесува РСЕ.