По целосното повлекување на израелските сили од внатрешноста на болничкиот комплекс Ал Шифа и неговата околина, западно од градот Газа, пронајдени се безживотните тела на стотици убиени цивили, соопштија медицински извори во палестинската енклава.
Локалните извори потврдија дека претходно денеска израелските окупаторски сили целосно се повлекле од болницата Ал-Шифа и околните станбени области и се движеле кон областите јужно од населбата Тал Ал-Хава, југозападно од градот Газа, пренесува палестинската новинска агенција Вафа.
Според очевидци, израелските сили ги запалиле сите згради на болницата Ал-Шифа и ја направиле целосно неупотреблива.
Медицински извори објаснија дека израелската армија целосно уништила неколку ката во зградата на специјализираните болнички одделенија, а го запалила и остатокот од комплексот, вклучително и одделот за итни случаи, уништувајќи ја целата медицинска опрема.