Подготовката на НАТО за операција во Украина е во спротивност со одбранбената природа на организацијата и и се заканува со самоубиство, пишува унгарскиот премиер Виктор Орбан во текст за „Њузвик“.
„НАТО се приближува до пресвртница. Треба да се запомни дека најуспешниот воен сојуз во историјата е основан како мирен проект и неговиот иден успех зависи од неговата способност да го зачува мирот. Но, денеска наместо мир, на дневен ред е војна, а наместо одбрана – напад. Сето ова е во спротивност со главните вредности на НАТО“, пишува Орбан по повод претстојниот самит на НАТО во Вашингтон.
Според него, НАТО има задача да ја зачува Алијансата како мирен проект.
Кога станува збор за иднината на Алијансата, Унгарија „не се согласува целосно со мнозинството земји-членки“ кои сметаат дека конфликтот со другите геополитички сили е неизбежен.
„Денес сè поголем број гласови во НАТО зборуваат за потребата или дури и неизбежноста од воена конфронтација со другите светски геополитички сили. Оваа идеја за неизбежна конфронтација е како самоисполнувачко пророштво. „Колку повеќе лидерите на НАТО веруваат дека конфликтот е неизбежен, толку поголема улога ќе имаат во неговото започнување“, предупреди Орбан.
Како што појасни, сега станува се поочигледно поради веста дека почнале подготовките за евентуална операција на НАТО во Украина, а трупите на земјите од Алијансата се веќе во близина на украинскиот фронт.
„За среќа, Унгарија постигна важен договор со НАТО кој ја признава нашата важна улога во Алијансата и не ослободува од директна поддршка за Украина, без разлика дали е воена или финансиска. Но, мора да бидеме многу внимателни кога станува збор за напуштање на вредностите врз кои е создадена нашата Алијанса. Целта за која е формиран НАТО е да се обезбеди мир во интерес на стабилен економски, политички и културен развој. НАТО ја исполнува својата цел кога се стреми кон мир, а не војна. Ако избере конфликт наместо соработка и војна наместо мир, ќе се самоубие“, заклучил Орбан, пренесува Спутник.
Во петокот Орбан и неговата делегација ја посетија Русија, каде што се одржа средба со рускиот претседател Владимир Путин. Унгарскиот премиер посетата на Москва ја нарече следната фаза од мировната мисија.