Бројот на области чие население е загрозено од глад се зголеми од 13 на 16, а најзагрозени се африканските земји, предупредија денес две агенции на Обединетите нации.
Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) и Светската програма за храна (WFP) соопштија дека Судан, Јужен Судан, Сомалија, северна Нигерија и Јемен се соочуваат со најсериозни закани од глад поради конфликти, раселување на населението, економски тешкотии и екстремни временски услови, објави Ројтерс.
Бројот на жаришта на глад се зголеми во споредба со претходниот извештај, објавен во јуни, при што Чад, Уганда, како и делови од јужна Африка и Централна Америка се додадени на листата, додека Либан е отстранет од неа.
Вооружените конфликти и насилството се главните причини за глад во 12 од 16 жаришта, додека наглиот пораст на цените на храната, енергијата и транспортот го отежнува пристапот до храна за населението.
Во најновиот заеднички извештај, кој го опфаќа периодот од декември 2026 до мај 2027 година, агенциите предупредија дека намалувањата на средствата за хуманитарна помош ги поткопуваат напорите за спречување на катастрофи.
Високиот функционер на ФАО за вонредни состојби и отпорност, Конор Елиот, изјави дека помошта за петте земји кои се соочуваат со најсериозните закани од глад е намалена за две третини помеѓу 2022 и 2025 година.
Според него, намалувањето на средствата, исто така, го отежнува собирањето на податоците потребни за проценка на обемот на кризата.
Агенциите изјавија дека климатскиот феномен Ел Нињо, кој е во развој, може дополнително да ја влоши кризата, носејќи суша и екстремни температури во јужна Африка и делови од Централна Америка, како и потенцијално разорни поплави во делови од Источна Африка.