Каде се 700.000 денари за проектот „Пензионерите за децата“ и зошто Герасимовски не дава одговори, праша Стефанија Бојаџиева – Марковска од ВМРО-ДПМНЕ.
„По нашето прво обраќање за проектот „Пензионерите за децата“, Герасимовски должи конкретни одговори. Не станува збор за обична најава или уште едно неисполнето партиско ветување, туку за проект кој во програмата се предвидува 700.000 денари, парите на граѓаните. Да потсетиме, Герасимовски најави ангажирање на пензионирани наставници и професори кои требаше да држат бесплатни дополнителни часови по предметите математика, физика, информатика и странски јазици, од седмо, осмо и деветто одделение. Во програмата дури и е наведен и конкретен рок за реализација – од септември 2026 до јуни 2027 година. Но, денес, на крајот на месец ноември, нема јавно достапни конкретни докази дека проектот е веќе почнат. Нема објавени податоци за избрани и ангажирани професори, нема информации за реализирани часови, нема информации за бројот на опфатени ученици, ниту извештај за потрошените средства“, рече таа.
Бојаџиева – Марковска побара Герасимовски да ги објави јавниот повик, евентуалните договори, одлуките за избор на професорите, финансиската реализација и извештајот за досега спроведените активности.
„Не е доволно во изборна програма само да се напише дека ќе се инвестира во образованието. Кога се издвојуваат 700.000 денари јавни пари, мора да има јасна трага каде се тие средства и каква корист добиле учениците. Граѓаните не се должни да веруваат на промотивни фотогографии и празни соопштенија. Имаат право да видат документи, договори, финансиски извештаи и конкретни резултати. Затоа повторно прашуваме: каде се 700.000 денари пари на општината од проектот „Пензионерите за децата“ и што конкретно добија учениците од овој проект?“, рече Бојаџиева – Марковска.