Нетанјаху: Секој член на Хамас е мртов човек

Нетанјаху-Секој-член-на-Хамас-е-мртов-човек.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека секој член на Хамас е „мртов човек“ по првиот состанок на владата на национално единство формирана вчера, јавува Би-би-си. Премиерот Нетанјаху се согласи да формира влада за време на војната со поранешниот министер за одбрана и лидер на центристичката опозиција Бени Ганц.


Тие се согласија да ги остават настрана разликите и политичкото ривалство. Бени Ганц рече дека е „време за војна“ и им порача на израелските граѓани дека новоформираната влада е „обединета“ и подготвена да го „збрише“ Хамас од лицето на земјата.

Лидерот на главната опозиција Јаир Лапид сè уште не се приклучил на воениот кабинет, но Нетанјаху и Ганц во заедничката изјава рекоа дека за него е резервирано место. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека разговарал со Нетанјаху и дека јасно му рекол дека Израел мора да дејствува според „правилата на војната“.

Бројот на загинати во нападите на Хамас врз Израел кои започнаа во саботата достигна 1.200, а во најновиот извештај, Министерството за здравство на Газа соопшти дека ист број Палестинци загинале во израелската реакција. Бајден рече дека го разбира гневот и фрустрацијата на народот во Израел, но побара од таа земја да се придржува до Женевската конвенција.

Тој го предупреди Иран – кој го поздрави нападот на Хамас – да биде „внимателен“. Американскиот државен секретар Блинкен е на пат за Израел и ќе пристигне денеска за да покаже „силна поддршка“ за Израел.

Една тема на неговата агенда ќе бидат американските заложници: официјални лица велат дека нивниот број е „многу мал“ – и тие сè уште не донеле одлука како да се обидат да ги вратат назад. Хамас, наводно, држи до 150 луѓе како заложници, вклучувајќи деца и постари лица.

Израелската армија објави дека илјадници војници се подготвени долж границата со Газа во случај да се изврши копнена инвазија. Портпаролот на израелската армија изјави дека силите, вклучително и 300.000 резервисти, се подготвуваат за мисија во близина на границата со цел „на крајот на оваа војна Хамас да нема никакви воени способности“.

Заедно со борбата против Хамас, Израел размени оган и со Хезболах во Либан. На почетокот на оваа недела, Израел објави целосна блокада на Газа, вклучувајќи вода, струја и храна. Агенцијата на ОН за палестински бегалци побара во средата 104 милиони американски долари итна помош за Газа. Би-би-си пишува дека хуманитарната ситуација во Појасот Газа е очајна.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK