Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) и шефот за хуманитарна помош на ОН апелираа за продолжување на исплатите на главната агенција за помош во Газа, велејќи дека ќе има катастрофа ако средствата останат замрзнати. „Ниту еден друг ентитет нема капацитет да обезбеди обем и широчина на помош што им е итно потребна на 2,2 милиони луѓе во Газа“, рече шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус на мрежата Х, порано Твитер.
Тој ги повика сите да продолжат со плаќањето до Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (UNRWA). „Одлуките на различни земји да го замрзнат финансирањето на УНРВА, најголемиот снабдувач на хуманитарна помош во оваа криза, ќе имаат катастрофални последици за луѓето во Газа“, рече тој.
САД, Велика Британија, Германија, Канада, Австралија и неколку други земји ги суспендираа исплатите по обвинувањата дека неколку вработени во УНРВА биле директно или индиректно вмешани во терористичките акти извршени од Хамас во Израел на 7 октомври.
Шефот на СЗО, повика на ослободување на заложниците киднапирани од Израел на 7 октомври, да не се запираат конвоите со хуманитарна помош за Појасот Газа и здравствените установи да бидат поштедени од напади и употреба од страна на милитантите.
„И ние продолжуваме да повикуваме на прекин на огнот“, рече тој. Координаторот на ОН за вонредни состојби Мартин Грифитс го нарече UNRWA „чукање на срцето“ на Газа. Говорејќи во Советот за безбедност на ОН во Њујорк, тој рече дека е ужаснат од тврдењата, но дека „услугите за спасување живот, не треба да бидат загрозени од наводните постапки на неколку поединци“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во средата изјави дека агенцијата на ОН за палестинските бегалци мора да биде затворена бидејќи, според израелските сознанија, некои нејзини вработени учествувале во нападот на Хамас врз јужен Израел минатиот октомври.
„Време е меѓународната заедница и самите ОН да разберат дека мисијата на УНРВА мора да заврши“, рече Нетанјаху. Шефот на ОН, Антонио Гутереш, во неделата изјави дека од 12-те инволвирани лица, девет се отпуштени, еден е мртов, а идентитетот на останатите двајца се разјаснува.
Палестинците го обвинија Израел за фалсификување информации за да ја дискредитира УНРВА. УНРВА вработува 13.000 луѓе во Газа, раководи со училишта, клиники за примарна здравствена заштита и други социјални услуги и дистрибуира хуманитарна помош.