НАТО: Постои значителен ризик од руски напад врз клучната инфраструктура во Европа или Америка

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Постои „значителен ризик“ Русите да ја нападнат клучната инфраструктура во Европа или Северна Америка, вклучувајќи гасоводи и интернет кабли, предупреди Дејвид Катлер, помошник генерален секретар на НАТО, задолжен за безбедност.







Пред новинарите тој рече дека Русија „активно ја мапира“ инфраструктурата на украинските сојузници и на море и на копно, пишува Политико.

Воените и цивилните разузнавачки служби на Москва имаат „значителни ресурси“ кои рускиот претседател Владимир Путин би можел да ги искористи за надгледување на инфраструктурата, „вклучувајќи употреба на цивилни бродови и таканаречени шпионски бродови“, додаде Катлер.

Заканата за подводните гасоводи, кои носат гас во Европа, беше јасно разоткриена со саботажата на гасоводот Северен тек на Балтикот во септември минатата година. Катлер вели дека подводните кабли, кои носат дури 95 отсто од интернет сообраќајот, се исто така загрозени.

Гледаме значителен ризик Русија потенцијално да ја нападне клучната инфраструктура во Европа и Северна Америка како дел од нејзината војна против Украина, рече тој. – Русите се поактивни во тие области отколку што беа во последните години. Нивните патроли во Атлантикот се на повисоки нивоа од последните години. Руските бродови исто така преземаат повеќе ризици во Балтичкото и Северното Море, додава тој.

По експлозиите на „Северен тек“, кои ги истражуваат три различни земји, НАТО формираше нова „ќелија“ во своето седиште во Брисел за да ги координира напорите за заштита на подводната инфраструктура. Ниту една истрага сè уште не заклучи кој е одговорен за нападот на „Северен тек“, но западните влади веднаш се посомневаа во Русија. Минатата недела данските власти потврдија дека брод на руската морнарица со подморница бил виден во областа пред нападот. Шефот на новата ќелија, генерал-полковник Ханс-Вернер Вирман, рече дека инцидентот со Северен тек ја покажува „јасната и присутна опасност во која се наоѓа нашата клучна подводна инфраструктура“.

Се зголемува потпирањето на Западот на таква инфраструктура, додаде Вирман, а протокот на податоци преку подводните кабли е во пораст, како и транзицијата кон зелена енергија предводена од морските турбини на ветер, поради што повеќе електрична енергија се пренесува на копно преку подводната инфраструктура.

Земјите-членки на НАТО ги засилија поморските патроли, вели Вирман, а војските подобро соработуваат со приватните инфраструктурни оператори за да ја зајакнат безбедноста. – Ги зголемивме нашите активности за надзор, како и бројот на бродови кои патролираат по Северното и Балтичкото Море. Сепак, мораме да направиме уште повеќе, рече тој.

Катлер оценува дека Москва би можела да ги види нападите врз инфраструктурата како начин да „го наруши животот на Западот и да покаже моќ над земјите кои ја поддржуваат Украина“. – Кога ќе ги погледнете доказите за нивните тековни активности, местата што ги истражуваат и ќе ги поврзете за клучната подводна инфраструктура, јасно ви е дека тие во најмала рака испраќаат сигнали дека имаат намера и способност да преземат акција во таа област доколку одлучат, потенцира Катлер.

Интернет каблите се сметаат за клучен ранлив дел од инфраструктурата.

– Малкумина сфаќаат колку сме зависни од многу ограничен број кабли со оптички влакна, кои го формираат столбот на Интернетот и ги поврзуваат нашите континенти, рече Катлер.

Тој додаде дека во светот има само околу 400 подводни интернет кабли, а половина од нив може да се сметаат за клучни.

– Севкупно, тие пренесуваат финансиски трансакции во вредност од околу 10 трилиони долари секој ден. Овие кабли се столбот на економијата, истакна помошникот генерален секретар на НАТО, задолжен за безбедност.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK