Најмалку пет жртви во невреме и пожари во Италија

nevreme 3
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Најмалку пет лица загинаа во Италија во невремето на северот и пожарите на Сицилија, поради што Владата прогласи вонредна состојба во најтешко погодените области.

– Со голема тага ја примив веста за два несреќни случаи предизвикани од невремето, во кои животот го загуби шеснаесетгодишно девојче во извиднички камп во Бреша (на север) и жена во Лисоне (на север) на која падна дрво, напиша италијанската премиерка Џорџа Мелони на Твитер.


Силен ветар до 110 километри на час, пороен дожд и град вчера го зафатија Милано, економскиот центар на земјата, поплавувајќи ги улиците и корнеа дрвја кои паѓаа на патиштата.

Локалното јавно сообраќајно претпријатие пријавило сериозни оштетувања на електричната мрежа, а имало и привремен прекин во водоснабдувањето во историскиот центар на градот.

Додека на северот на полуостровот беснее невреме, југот го зафати топлотен бран со температура од 47,6 степени Целзиусови, која беше измерен во понеделникот во Катанија, Сицилија, соопшти локалната цивилна заштита.

Изгорените тела на двајца 70-годишни мажи биле пронајдени во куќа која била зафатена од пожар, а 88-годишна жена починала во близина на Палермо, јавија синоќа локалните медиуми.

Покрај тоа, сицилијанските пожарникари од синоќа се борат со неколку пожари, а еден стигна во близина на аеродромот во Палермо, кој беше затворен неколку часа во текот на утрото.

Претседателот на сицилијанскиот регион, Ренато Шифани, рече дека ќе побара од владата, која ќе се состане денеска, да прогласи вонредна состојба на медитеранскиот остров.

Снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат пожар покрај автопат во близина на Сиракуза, додека на интернет се појави фотографија од необично парче мраз од 19 сантиметри што падна во Азано Децимо, во близина на Порденоне, на североисток.

Поради пожарите во прекин беше и железничкиот сообраќај.

– Климатското нарушување што ја погоди нашата земја бара од сите нас, без исклучок, да го промениме нашето однесување, изјави италијанскиот министер за цивилна заштита Нело Мусумеци.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK