Најмалку 47 лица загинаа во силниот земјотрес со магнитуда од 7,7 степени и десетиците последователни потреси што денеска ја погодија источна Индонезија.
Спасувачките екипи сè уште не стигнале до областа Нагекео, која се наоѓа најблиску до епицентарот, откако свлечишта ги блокираa патиштата и ја нарушиja комуникацијата, соопштија официјалните власти.
По земјотресот, кој се случи рано утринава, во неколку крајбрежни области на земјата бea регистрирани бранови цунами високи помалку од еден метар. Властите го укинаa предупредувањето за цунами околу три часа подоцна.
Претходно, спасувачите во пристанишниот град Маумере, на островот Флорес, пронајдоа 20 загинати, шестмина повредени и две лица кои сè уште биле заробени под урнатините, изјави Фатур Рахман, раководител на градската спасувачка служба.
Според индонезиските власти, локални жители сè уште се заробени под урнатините на неколку објекти во погоденото подрачје, а пријавени се и свлечишта што блокирале повеќе патишта.
Според прелиминарните податоци на властите, 157 куќи се тешко оштетени, 41 имаат средни оштетувања, а 148 се полесно оштетени. Пријавена е и штета на 87 училишта, 18 здравствени установи, пет верски објекти и шест канцелариски згради, како и на друга инфраструктура. Спасувачите трагаат по преживеани под делумно урната пристанишна зграда.