Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир денеска го оцени прифаќањето на примирјето од страна на Хамас како трик, јавуваат израелските медиуми.
„Има само еден одговор на триковите и игрите на Хамас – итна наредба да се освои Рафах, да се зголеми воениот притисок и да се продолжи со рушење на Хамас додека не биде целосно поразен“, изјави Бен-Гвир, цитиран од „Тајмс оф Израел“.
Во исто време, „Канал 12“ ги пренесува ставовите на израелските власти кои велат дека израелскиот преговарачки тим штотуку го добил одговорот на Хамас од посредниците.
Во извештајот се вели дека Израел сега внимателно го проценува одговорот на Хамас и ќе даде официјални коментари подоцна оваа вечер.
Во него се вели дека израелските власти веќе велат дека ова не е истиот предлог за договорот што Израел и Египет го договорија пред 10 дена, што оттогаш служеше како основа за индиректни преговори“, се вели во ТВ прилогот.
„Скај њуз“ пишува дека Израел тврди оти Хамас прифатил „помека“ верзија на договорот за прекин на огнот предложен од Египет, што е неприфатливо за израелските власти. Странските медиуми јавуваат и дека израелските власти тврдат дека најавата на Хамас се чини дека е измама со цел Израел да се претстави како страна која не е подготвена да го прифати договорот.
Овие нови клаузули, меѓу другото, се однесуваат на кардиналните прашања дали, како и кога ќе заврши војната и какви гаранции се нудат во овој поглед.
Според извештајот, Хамас во последните денови ги заостри своите барања и бара војната да заврши во првата, 40-дневна фаза од договорот, наместо во втората или третата фаза.
Израел, од своја страна, постојано го отфрла завршувањето на војната како дел од договорот за заложници, инсистирајќи наместо тоа дека ќе ги продолжи борбите откако ќе се спроведе договорот, во согласност со неговите двојни воени цели: враќање на заложниците и уништување на Хамас.
Хамас, според претходните извештаи, објави дека го прифатил договорот за прекин на огнот предложен од Египет и Катар со цел да се стави крај на седуммесечната војна со Израел во Газа, а израелските медиуми цитираа официјални лица дека израелскиот преговарачки тим го добил одговорот од посредниците.