Првата дама на САД, Меланија Трамп, денес објави дека хуманитарната мисија во украинскиот град Олешки, кој е под руска контрола, е успешно завршена и дека овозможила испорака на клучна помош во тој регион, како и евакуација на речиси 800 луѓе.
„Во име на Америка, ги пофалувам Русија и Украина за нивното лидерство и соработка во врска со прекинот на огнот во Олешки. Се надевам дека Олешки ќе послужи како основа за траен мир меѓу двете земји“, напиша таа на мрежата Икс.
Примирјето започна на 27 октомври и заврши на 1 ноември, како што беше планирано, додаде Меланија Трамп.
Договорот за привремен прекин на огнот за да се овозможи хуманитарна мисија за евакуација на жителите на градот Олешки во Херсонската област беше постигнат со учество на сопругата на американскиот претседател, Меланија Трамп.
Руската комесарка за човекови права, Јана Лантратова, и украинскиот омбудсман, Дмитро Лубинец, утрово изјавија дека примирјето е завршено и дека двете страни ги исполниле сите обврски поврзани со примирјето, договорени од хуманитарни причини.
„Двете страни ги исполнија сите обврски. Ова овозможи испорака на помош до жителите и безбедно доброволно заминување на оние кои одлучија да го напуштат градот“, изјави Лантратова во објава на платформата Макс, пренесува РИА Новости.
Според неа, операцијата се одвивала без инциденти.
Според руската агенција, во моментов се разгледува продолжувањето на хуманитарните мисии.
Лантратова додаде дека е потребно да се одржи соработката со цел да се обезбеди редовна испорака на основни залихи.
Украинскиот омбудсман Дмитро Лубинец, исто така, напиша на мрежата Икс дека примирјето е завршено и дека тоа е важен чекор во заедничките хуманитарни напори со руската комесарка за човекови права Јана Лантратова, со координација на првата дама на САД, Меланија Трамп.
„Во овој период, двете страни ги исполнија своите обврски. Ова овозможи испорака на хуманитарна помош во Олешки и обезбедување помош на цивилите кои сакаа безбедно да го напуштат градот“, изјави тој.