Маѓар за истополовите бракови: Многу сум претпазлив


14347142.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Унгарскиот премиер Петер Маѓар изјави дека е „многу претпазлив“ во однос на истополовите бракови, кои не се дозволени во Унгарија. Тој додаде дека за детето е подобро да расте со истополови родители отколку во дом за деца и најави промена на правилата за поединци кои сакаат да посвојат дете.


„Да, многу сум претпазлив. Како премиер, имам должност да ги претставувам сите Унгарци, а постојат чувствителни прашања, како што се статусот на сексуалните малцинства или евтаназијата. Овластувањата се огромни, но таква е и одговорноста“, рече Маѓар во интервју за финскиот весник Helsingin Sanomat.

Истополовите парови во Унгарија можат да регистрираат партнерство, но не можат да стапат во брак. Тие исто така не можат заеднички да посвојат дете, бидејќи унгарскиот закон експлицитно им ја одрекува оваа можност на регистрираните партнери. Доколку би можеле да стапат во брак, тоа би го отворило патот за заедничко посвојување, што моментално е достапно за брачните парови.

Како се променија правилата за посвојување
Сè до измената на законот во 2020 година, еден од партнерите во истополов пар можеше да поднесе барање за посвојување како поединец. По измената, која стапи на сила во 2021 година, посвојувањето генерално е дозволено за брачни парови. Поединци можат да посвојат дете само со посебно одобрение од министерот надлежен за семејна политика.

Бидејќи истополовите парови не можат да стапат во брак, партнерот што сака да посвои дете мора да поднесе барање како поединец и да побара одобрение од министерот. Оваа дополнителна пречка значително го отежна посвојувањето. Во септември, Маѓар најави планови за промена на тој систем. Тој смета дека одлуките во врска со барањата од поединци треба да ги носат експерти, а не политичари.

„Не треба министерот или политичарот да одлучуваат во такви случаи, туку експертите“, рече тој.

Најавени нов Устав и средба со Зеленски

Маѓар изјави дека една од главните задачи на неговата влада ќе биде изготвување нов устав. Тој процени дека процесот би можел да трае најмалку една година, при што граѓаните би го ратификувале новиот текст на референдум. Тој исто така најави планови за ограничување на овластувањата на премиерот и нагласи дека не сака неговата партија од десниот центар, „Тиса“, да стане како партијата „Фидес“ на Орбан.

Тој изрази желба постепено да ги обнови односите со Украина и најави средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Брисел следната недела. Повтори дека Унгарија нема да испраќа оружје во Украина, ниту ќе дозволи негов транспорт преку унгарска територија.

Исто така, зборуваше за намалување на зависноста на Унгарија од руските енергенти, истакнувајќи дека тоа не може да се постигне преку ноќ. Спомена и договор со Европската Унија што би ѝ овозможил на Унгарија пристап до европските фондови. Ги отфрли тврдењата дека влијае врз истрагите за корупција поврзани со ерата на Орбан, наведувајќи дека за нив не знае ништо повеќе од кој било друг граѓанин.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK