Папата Лав нема да има потреба од дополнителна терапија по операцијата на рак на белите дробови, на која беше подложен минатата недела, соопштија неговите лекари, напоменувајќи дека туморот не се проширил.
За време на операцијата, отстранет е долниот резен од десното белодробно крило на Папата; нему му беше дијагностициран пулмонален аденокарцином, најчестата форма на рак на белите дробови.
Конечните хистолошки испитувања и молекуларно-биолошките анализи на отстранетото ткиво ја потврдија дијагнозата, покажувајќи дека болеста останала локализирана, наведоа лекарите во соопштение објавено од Ватикан.
„Дополнителната онколошка проценка потврди дека не е потребна натамошна терапија“, изјавија главниот хирург на Папата, Стефано Маргаритора, и неговиот личен лекар, Лујџи Карбоне.
Враќање на должностите и планови за патување
Папата беше отпуштен од болница во саботата и постепено се враќа на своите редовни должности. Во средата, тој се врати на плоштадот „Свети Петар“ за да ја одржи својата неделна аудиенција.
Сè уште не е познато дали Папата ќе го реализира планираното патување во Уругвај, Аргентина и Перу, предвидено за периодот помеѓу 6 и 17 ноември.
Минатата недела, Маргаритора изјави дека нема „никакви клинички причини“ што би го спречиле Папата да патува во Јужна Америка; сепак, државниот секретар на Ватикан сугерираше дека на Папата можеби ќе му биде потребно прилагодување на темпото на неговиот распоред за да се олесни неговото закрепнување.
Текстот Лекарот на папата: Не му е потребна натамошна терапија по отстранувањето на туморот е превземен од МАКФАКС.