Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац соопштија дека израелската војска извршила воздушен напад во Појасот Газа, во кој е убиен Мохамед Одех, новоименуваниот командант на бригадата Ал Касам, военото крило на Хамас.
Во заедничкото соопштение се наведува дека нападот бил извршен по нивна наредба. Израелските власти тврдат дека Одех бил еден од организаторите на нападите од 7 октомври 2023 година, а во тој период ја извршувал функцијата шеф на разузнавачката служба на Хамас, пренесува Тајмс оф Израел.
Израелскиот јавен сервис Кан, повикувајќи се на неименуван израелски функционер, ја потврди смртта на Одех, додека телевизијата Канал 12, повикувајќи се на безбедносни извори, објави дека операцијата била „успешно спроведена“.
Според официјалното израелско соопштение, Одех бил одговорен за „убиства, киднапирања и ранувања на бројни израелски цивили и војници“.
Нетанјаху и Кац порачаа дека израелската војска и безбедносната служба Шин Бет ќе ги продолжат операциите против сите кои се одговорни за нападот од 7 октомври.
„Израел ќе ги стигне сите сторители, порано или подоцна“, се заклучува во заедничкото соопштение.