Истражување: Половина од животинските видови во светот во опаѓање

zivotni
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Речиси половина од животинските видови во светот денес минуваат низ фаза на намалување на популацијата, покажува ново истражување на Квинс Универзитетот во Белфаст, Северна Ирска.







Трудот ги испитува промените во густината на населеноста на повеќе од 70.000 видови животни ширум целиот свет, и тоа го прави најсеопфатно проучување од ваков вид досега. Истражувачите сметаат дека наодиве се сериозно предупредување бидејќи светската загуба на биодиверзитетот предизвикана од човековата индустријализација е многу поалармантна отколку што се мислеше.

Според наводите, 48 отсто од видовите на Земјата во мигов се соочуваат со опаѓање на вкупниот број. Степенот на исчезнување на видовите традиционално се мери под категориите на Меѓународната унија за зачувување на природата (ИУЦН), според кои на 28 отсто од животот на Земјата му се заканува исчезнување. Научниците открија и дека 33 насто од видовите кои досега се сметаа за „безбедни“, всушност се намалуваат и се изложени на зголемена опасност од исчезнување.

Анализата посочува и дека недостатокот на видови со растечка популација покажува дека другите видови не се склони да го заземат местото на изумрените видови во екосистемот.

– Овој нов метод на проучување и анализа на глобално ниво, дава појасна слика за вистинскиот степен на ерозија на светската биолошка разновидност што традиционалните пристапи не можат да ја обезбедат. Нашата работа е драстично предупредување за сегашната големина на оваа криза, што веќе има катастрофални последици врз стабилноста на природата во целина и врз здравјето и благосостојбата на луѓето, рече д-р Даниел Пинчеира-Доносо, виш предавач по еволутивна биологија и макроекологија на Квинс Универзитетот.

Предводничката на проучувањата, Кетрин Фин потврди дека бројот на скоро половина од животните на Земјата за кои се достапни проценки, сега се намалува.

– За да бидат работите уште полоши, и многу животински видови за кои се смета дека не се изложени на ризик од истребување, всушност се во прогресивен пад, додаде таа.

Глобалното губење на биолошката разновидност се смета за еден од најголемите предизвици за човештвото наредните десетлетија, што влијае на екосистемите, производството на храна, ширењето на болести и стабилноста на светската економија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK