Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи ја критикуваше групата Г7 за, како што рече, неуспехот да се справи со незаконската и бесрамна израелска агресија против Иран.
Во изјавата објавена на социјалната мрежа „Икс“, Багаи ја обвини Г7 дека ги игнорирала нападите, за кои Техеран тврди дека резултирале со цивилни жртви и оштетување на јавната инфраструктура.
Лидерите на Г7 вчера во заедничка изјава ја потврдија својата поддршка за правото на Израел на самоодбрана.
„Потврдуваме дека Израел има право да се брани… Иран е главниот извор на нестабилност и терор во регионот“, се вели во соопштението.
Групата повтори дека „Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје“ и повика на решение за иранската криза што придонесува за поширока деескалација, вклучително и прекин на огнот во Газа.
Багаи ги повика постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, особено оние во Г7, да ги исполнат своите законски и морални обврски според Повелбата на ОН.
„Израел започна неиспровоцирана агресивна војна против Иран“, рече Багаи, обвинувајќи го за кршење на членот 2(4) од Повелбата и меѓународните норми кои ги штитат нуклеарните постројки во време на мир.
Тој предупреди дека континуираната неактивност на Советот за безбедност може да го поткопа кредибилитетот на ОН и повика на итен прекин на непријателствата и одговорност за кршење на меѓународното право.