Американската војска целосно се повлече од Ирак, изјави вчера претставник на ирачката влада. Сите американски борбени сили и единици за логистичка поддршка ја напуштија земјата, изјави претставникот за агенцијата дпа.
Соединетите Држави сè уште официјално не го потврдија повлекувањето.
Ирак и САД се договорија за повлекувањето во 2024 година. Според податоците на Пентагон, во последните години во Ирак беа стационирани околу 2.500 американски војници. Пред повлекувањето, американските сили беа распоредени во Ербил (во курдскиот регион), во база во близина на аеродромот во Багдад и во „Зелената зона“ – владиниот кварт во главниот град.
САД и нивните сојузници извршија инвазија врз Ирак во 2003 година, и покрај меѓународните критики, и го соборија тогашниот владетел Садам Хусеин. По повлекувањето во 2011 година, американската војска се врати во Ирак во 2014 година на барање на ирачката влада, за да се бори против „Исламската држава“.
Безбедносната ситуација во Ирак повторно се влоши по почетокот на конфликтот во кој е вклучен Иран. За време на непријателствата, на удар се најдоа американски објекти и војници во Ирак, како и цели на курдските сили.
Се очекува Иран и силите блиски до Техеран позитивно да го поздрават повлекувањето на САД. Среда – денот кога формално истекува рокот за повлекување на американските сили – го означува почетокот на четиридневен државен празник во Ирак по повод „Денот на независноста“.
Паравоените групи во Ирак поддржани од Иран првично требаше да се разоружаат и да се интегрираат во државниот безбедносен апарат паралелно со повлекувањето на американските трупи, пренесува дпа. Тој потег, најавен од премиерот Али ал-Саиди, подоцна беше одложен и сега е планиран за јуни следната година.