ИФО: Германските компании генерално нема да ги зголемат цените на нивните производи и услуги

677z381_677z381_berlin.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Германските компании генерално не планираат да ги зголемат цените на своите производи и услуги, е заклучокот од извештајот што денеска го објави Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.



Според извештајот, индексот што ја мери подготвеноста на германските компании да ги зголемат цените падна од 16,1 поени во август на 13,8 поени во септември.

Врз основа на резултатите, шефот на одделот за прогнозирање на Институтот за економски истражувања, Тимо Волмершеуцер, заклучува дека стапката на инфлација во Германија ќе остане под два отсто во наредните месеци.

Според него, економската криза во Германија ги ограничува можностите на локалните компании да ги зголемат цените, пренесува Танјуг.

Германските граѓани треба да очекуваат повеќе зголемувања на цените во производниот сектор, додека сè помалку компании во малопродажбата, градежната индустрија и меѓу давателите на услуги се подготвени да ги зголемат цените, се вели во извештајот.

Годишната стапка на инфлација во Германија падна во август од 2,3 отсто во јули на 1,9 отсто и моментално е најниска од март 2021 година, објави неодамна германската Федерална статистичка служба (Дестатис).

Прелиминарните податоци за септемвриската инфлација во Германија ќе бидат објавени денеска.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK