Германскиот претседател му честита на Зеленски за наградата Карло Велики

shtajnmaer zelenski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска му честиташе на украинскиот претседател Володимир Зеленски за добивањето на наградата Карло Велики за сработеното во служба на европското обединување, јави ДПА.







– Вие давате надеж и сте инспирација многу подалеку од Украина … Вашата импресивна борба за нашите заеднички вредности, за слобода и демократија ни остави длабок впечаток и повеќе нè зближи и обедини во солидарност од кога било, изјави шефот на германската држава.

– Ние ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина, политички, воено, финансиски, сè додека тоа е неопходно, рече Штајнмаер, додавајќи дека тоа се однесува и на обновата на земјата разурната од војна.

Според германскиот претседател, одлуката за доделување на овогодишната награда на лидерот и народот на Украина ја истакнува нивната улога во одбивањето на руската инвазија на нивната земја.

Зеленски не беше само претседател и врховен командант на армијата на земјата, туку „исто така и мотиватор, комуникатор, мотор и алка меѓу Украина и големата фаланга поддржувачи“, рече Штајнмаер.

Именувана по Карло Велики, франкискиот крал почитуван како „Татко на Европа“, наградата е најстарото и најпознатото признание за работата направена за обединување на континентот.

Зеленски попладнево пристигна во западната германска покраина Северна Рајна-Вестфалија за да ја прими престижната награда Карло Велики.

Според информациите на ДПА, Зеленски бил придружуван од германскиот канцелар Олаф Шолц и пречекан од локалниот државен премиер Хендрик Вуст, пред да присуствува на церемонијата во градот Ахен.

– Херој на Европа и голем борец за слобода – добредојдовте во СРВ, напиша Вуст на Твитер.

Шолц, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и полскиот премиер Матеуш Моравјецки се меѓу оние што треба да зборуваат за време на церемонијата во градското собрание на Ахен подоцна вечерва.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK