Германски војник е обвинет за шпионажа за Русија, соопштија вчера федералните обвинители во Германија, пренесува Ројтерс.
Осомничениот работел како професионален војник во Сојузната канцеларија за опрема, информатичка технологија и поддршка во служба на германските вооружени сили. Институтот е одговорен за опремување на германските вооружени сили, а исто така развива, тестира и набавува воена технологија.
„Во една прилика, тој им предал на руските разузнавачки служби информации што ги добил во текот на неговите професионални активности“, се вели во соопштението на обвинителството.
Германските власти рекоа дека поддршката на земјата за Киев го направи сè повеќе цел на руско шпионирање откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина.
На почетокот на овој месец, Москва објави снимка од прислушување на која се слушаат претставници на Бундесверот како разговараат за можни испораки на оружје за Украина.
Човекот е обвинет дека неколку пати од мај 2023 година отишол во рускиот конзулат во Бон и руската амбасада во Берлин за да им понуди соработка. Обвинителите рекоа дека тој понудил помош „на своја иницијатива“.
Германскиот државјанин е во притвор од август. Обвинителите велат дека тој ги предал информациите добиени за време на неговиот престој во Бундесверот. Тој беше уапсен во Кобленц во југозападната покраина Рајнска област-Пфалц, а полицијата изврши претрес во неговиот дом и работно место.
Одделот за безбедност на Вишиот регионален суд во Дизелдорф сега мора да одлучи дали случајот ќе оди на судење. Ова не е единствениот случај на сомневање за шпионажа за Русија во Германија. Во Берлин, поранешен вработен во германската надворешна разузнавачка служба се соочува со обвиненија за предавство за наводно предавање доверливи информации на руското разузнавање.