Врз основа на предложениот договор за прекин на огнот во војната во Газа, израелската армија треба да се повлече од некои области на Појасот Газа и да им дозволи на Палестинците да се вратат во местата од кои избегаа од конфликтот, објави денеска британскиот весник „Гардијан“.
Дополнително, како што беше претходно најавено, ќе бидат ослободени десетици заложници кои ги држеше палестинскиот Хамас, во замена за стотици палестински затвореници.
Помошта за Газа ќе биде зголемена за да им се помогне на Палестинците кои беа турнати на работ на глад поради војната.
Борбите ќе престанат за да се спречи планираниот голем израелски напад врз Рафах, на југот на Појасот, каде што повеќе од половина од 2,3 милиони жители на Газа се засолниле од војната.
Сепак, договорот не предвидува исполнување на главното барање на Хамас за целосно завршување на војната, а исто така не ја решава судбината на повеќе од половина од околу 100-те преостанати заложници, односно се споменуваат само жени, деца, стари лица. и повредени, а не возрасни мажи, коментира британскиот весник.
По пристигнувањето на делегацијата на Хамас во Каиро, палестински функционер за Ројтерс изјави дека се уште нема договор. Во египетскиот град денеска пристигнаа и катарски и американски посредници, јавува Ал Каиро њуз.
Сепак, американски функционер им рече на новинарите дека „патот до прекин на огнот сега е буквално директен“ и дека „рамката на договорот е на маса“.
Американските власти тврдат дека Израел привремено прифатил шестнеделно етапно ослободување на заложниците и договор за примирје пред муслиманскиот пост Рамазан, но дека не се знае дали и Хамас ќе го прифати тоа.
Израелските медиуми денеска јавуваат дека Хамас нема да го исполни барањето да го предаде списокот на живи заложници, како и колку палестински затвореници треба да бидат ослободени од израелските затвори.
Поради незадоволителниот одговор на Хамас, Израел денеска не испраќа делегација во Каиро, објавија локалните медиуми.