Истражен судија во Гросето, Италија го отфрли обвинението за убиство против Чан Џенсел Пиа Салахид, 28-годишна Филипинка која се породила на бродот за крстарење „Сребрен шепот“ на 17 мај, а потоа беше уапсена за смртта на детето.
Истражниот судија го потврдил приведувањето, а младата жена останала во затвор, но под обвинение за напуштање дете со смрт. Нејзините двајца колеги, кои ја делеле кабината со неа и кои исто така биле уапсени поради смртта на бебето, биле ослободени.
Тие и помогнале да се породи и биле соучесници во прикривањето.
Како што пишува „Rai News“, по добивањето на резултатите од обдукцијата, судот ги отфрли обвиненијата за убиство. Засега не се знае за што точно ќе биде обвинета жената освен за напуштање на детето.
А, таа цело време пред истражителите, според италијанските медиуми, тврдела дека не сакала да го убие својот син, кого го нарекла Тејлор.
Само се плашела дека ќе остане без работа, па го сокрила. Секогаш кога можела, доаѓала да го дои, според исказите. Бебето го оставала во плакарот со подотворена врата за да не падне од креветче и никој да не го види или слушне неговиот плач.