Првите податоци за излезноста на изборите за Европскиот парламент во земјите во кои денеска се гласа, покажуваат различен одзив на гласачите до 11 часот – од седум отсто во Хрватска до 22 отсто во Унгарија.
Мнозинството земји од ЕУ гласаат денеска, додека некои веќе гласаа во петок и сабота.
До 11:30 часот гласале 7,69 отсто од гласачите во Хрватска, што е за повеќе од два отсто помалку отколку на изборите во 2019 година, кога излезноста беше 9,93 отсто.
Нешто повеќе од 3,7 милиони гласачи во Хрватска избираат 12 хрватски пратеници кои ќе ги претставуваат во Европскиот парламент во следните пет години.
Првите резултати ќе бидат објавени во 23 часот, а резултатите од излезните анкети во 19 часот.
Во Словенија до 11 часот излезноста била 11,88 отсто, што е за три процентни поени повеќе од пред пет години, покажуваат податоците на Националната изборна комисија, пренесува СТА.
Словенците избираат девет пратеници во ЕП, а гласачките места се затвораат во 19 часот.
Во Бугарија, според податоците на изборната комисија, излезноста до 11 часот на гласањето за националниот и европскиот парламент била околу 8,5 отсто, пренесува Ројтерс.
Значително поголем одѕив е забележан во Унгарија. До 11 часот на гласање излегле 22,89 отсто или речиси два милиони гласачи. Ова е значително повеќе отколку во 2019 година, кога одѕивот на гласачите до 11 часот беше околу 17 проценти.
Во Грција до 11:30 часот гласале 1.260.931 гласач или 13,1 отсто од запишаните избирачи, јавуваат грчките медиуми.
Во Романија до 13 часот гласале 21,93 отсто од избирачите со право на глас на изборите за Европскиот парламент.
Во Франција до пладне гласале 19,81 отсто од граѓаните со право на глас.