Украина и Молдавија ги исполнуваат сите критериуми неопходни за формален почеток на преговорите за членство во ЕУ, соопшти денеска Европската комисија, откако украинскиот премиер Денис Шмихаљ изјави дека преговорите би можеле да започнат кон крајот на овој месец.
„Одлуката сега е во рацете на земјите-членки, на нив е да ја усвојат преговарачката рамка“, изјави портпаролката за проширување на Европската комисија, Ана Писонеро.
За оценката на Комисијата дополнително ќе разговараат експерти во работни групи, а следната недела ќе разговараат и амбасадори на владите на ЕУ.
Сите земји-членки на ЕУ мора едногласно да се согласат за почеток на преговорите, а Белгија, која претседава со ЕУ до крајот на јуни, прави договори за меѓувладините конференции со Украина и Молдавија да се одржат на 25 јуни во Луксембург, доколку има едногласна поддршка.
BREAKING:
Financial Times reports that the European Commission will today announce that it wants to start official EU accession talks with Ukraine within this month
🇺🇦🇪🇺 pic.twitter.com/pxWfHUYKXe
— Visegrád 24 (@visegrad24) June 7, 2024
Поддршката на сите 27 земји од ЕУ не е загарантирана бидејќи Унгарија, која одржува топли врски со Русија и ја критикуваше кандидатурата на Украина за членство, се сомнева во оценката на Комисијата дека Украина е подготвена и сака да види некои други точки во преговарачката рамка, пренесува Ројтерс.
Белгија и Комисијата сакаат да постигнат договор во јуни, пред Унгарија да го преземе шестмесечното ротирачко претседателство на 1 јули, бидејќи дипломатите на ЕУ очекуваат Будимпешта да го одложи целиот процес до 2025 година.
Киев аплицираше за членство во ЕУ неколку недели по руската инвазија во февруари 2022 година и доби кандидатски статус четири месеци подоцна.