Еврокомесарот Домбровскис во посета на Индија

dombrovkis
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Извршниот потпретседател на Европската комисија и еврокомесар за трговија Валдис Домбровскис од денеска до 27 јули ќе престојува во посета на Индија, во чии рамки в четврток и петок ќе учествува на состанокот на министрите за трговија и инвестиции на Г20, што ќе се одржи во индискиот град Џајпур.

За време на престојот во Њу Делхи, Домбровскис ќе се сретне со индискиот министер за финансии Нирмала Ситараман, а ќе учествува и на Дијалогот на високо ниво ЕУ-Индија за трговија и инвестиции, со кој ќе претседава заедно со индиски министер за трговија и индустрија Пијуш Гојал.


Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, на средбите со неговите индиски домаќини предвидено е Домбровскис да разговара за продлабочување на врските меѓу ЕУ и Индија, во чии рамки се водат преговори за склучување на три договори – за слободна трговија, за заштита на инвестициите и за географски ознаки.

Домбровскис ќе се сретне и со европски бизнисмени што работат во Индија, состанок организиран од Делегацијата на ЕУ во Њу Делхи и Работната група за формирање Федерација на европскиот бизнис во Индија (ФЕБИ).

На министерскиот состанок на Г20 во Џајпур, пак, предвидено е клучни теми на разговор да бидат мултилатералната трговска размена насочена кон глобален раст и просперитет, инклузивната и одржлива трговија, безбедноста на синџирите на снабдување, како и искористување на можностите на модерната технологија за тргување.

На маргините на форумот, најавени се повеќе билатерални средби на Домбровскис, меѓу кои и со трговската претставничка на САД, Кетрин Таи, министрите за трговија на Канада, Мери Енџи, на Турција, Омер Болат и на Индонезија, Зулкифли Хасан, како и со јапонски министер за економија, трговија и индустрија Јасутоши Нишимура.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK