Земјите од ЕУ ќе воведат санкции против 30 руски функционери поради смртта на водечкиот критичар на Кремљ Алексеј Навални, изјави високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Жозеп Борел.
„Се договоривме за санкции за одговорните за убиството на Алексеј Навални“, изјави Жозеп Борел по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, пишува Euronews.
Навални, најистакнатиот руски опозициски лидер, почина во арктичкиот затвор во февруари, каде што беше задржан во тешки услови.
Официјални лица рекоа дека Европската унија ќе ги следи Соединетите Држави и Велика Британија во наметнувањето забрани за патување и замрзнување на имотот на руските службеници одговорни за третманот на Навални.
Имињата на санкционираните од ЕУ ќе бидат објавени во наредните денови.
Договорот за санкционирање на одговорните за смртта на Навални доаѓа откако рускиот лидер Владимир Путин освои нов шестгодишен мандат на изборите кои Западот ги означи како „наместени“.
Навални стана познат за време на масовните продемократски протести во Русија во 2011-2012 година. На критичарот на Кремљ му беше забрането да се кандидира на претседателските избори во 2018 година поради пресудата за измама што САД и ЕУ ја критикуваа како политички мотивирана.