ЕУ и НАТО бараат од грузиската влада да го повлече спорниот „руски закон“

Capture-19.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Европската унија и НАТО денеска ја предупредија Грузија дека со усвојувањето на законот за странски агенти, колоквијално наречен „руски закон“, се оддалечува од своите евроатлантски аспирации и ја повикаа владата да го почитува правото на мирни протести.

„И покрај големите протести и недвосмислените повици на меѓународната заедница, владејачкото мнозинство го усвои законот за „транспарентност на странски влијанија“. Европската унија јасно и постојано кажа дека духот и содржината на тој закон не се во согласност со основните норми и вредности на ЕУ“, се вели во изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.

Грузискиот парламент усвои закон со кој невладините организации финансирани од странство се назначуваат како странски агенти.

Европската унија беше критикувана за нејзината задоцнета реакција на настаните во Грузија, која доби кандидатски статус во декември минатата година. Првата идеја беше Борел да издаде изјава во име на сите 27 земји-членки, но тоа пропадна поради несогласувањата меѓу Унгарија и Словачка. После тоа, се потроши многу време за да се договори изјава меѓу Борел и комесарот за проширување Оливер Вархељ, унгарски член на Комисијата, чија земја е најголемиот поддржувач на Русија во ЕУ.

Законот за странско влијание предизвика големо незадоволство во Грузија и донесе многу демонстранти на улиците. И покрај тоа, проруската владејачка партија Грузиски сон упорно го носеше законот. Со политиката на владејачкото мнозинство не се согласува и проевропската грузиска претседателка Саломе Зурабичвили.

„Усвојувањето на овој закон има негативно влијание врз напредокот на Грузија на патот кон ЕУ. Изборот на патот напред е во рацете на Грузија. Ги повикуваме грузиските власти да го повлечат законот и да ја задржат својата посветеност на патот кон ЕУ“, се вели во изјавата на Борел.

На донесувањето на законот реагираше и НАТО. „Одлуката на грузиската влада да го донесе законот за странски агенти е чекор во погрешна насока и ја оддалечува од европските и евроатлантските интеграции. Ја повикуваме Грузија да го промени курсот и да го почитува правото на мирни протести“, изјави портпаролката на НАТО, Фарах Даклала.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK